следете нè

Семејството како поддршка на лицата кои се соочуваат со депресија

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Што е депресија?
Депресијата е нарушување на расположението кое предизвикува постојано чувство на тага и губење интерес, нарушување во когнитивните процеси и однесувањето, и може да доведе до различни емоционални и физички проблеми.
Депресивните знаци и симптоми  може да варираат од личност до личност, но постојат карактеристични симптоми за оваа состојба:
  • чувства на тага, празнина, безнадежност, раздразливост или фрустрација, дури и за мали работи;
  • губење интерес или задоволство за повеќето или за сите нормални активности, во кои личноста претходно уживала;
  • растроено спиење, односно несоница, или хиперсомнија-премногу спиење
  • замор и недостаток на енергија, па дури и малите задачи предизвикуваат дополнителен напор;
  • промени во апетитот – намален апетит и губење на тежината или зголемена желба за храна и зголемување на телесната тежина;
  • анксиозност, вознемиреност или психо-моторна агитираност;
  • забавено размислување, зборување или движења на телото;
  • чувство на безвредност или вина, фиксирање на минати неуспеси или претерано себеобвинување;
  • когнитивни потешкотии, односно пад на концентрација, фокус, внимание и меморија;
  • неодлучност и несигурност, и пад на професионалната ефикасност;
  • психосоматски тегоби, болки во глава, грбот, згрченост на телото и слично;
  • социјална изолираност и повлекување;
  • суицидални идеации, односно, често или повторувачко споменување и размислување за бесмисленоста на животот, самоубиствени мисли, па дури и обиди за самоубиство.
Многу често луѓето кои се соочуваат со депресија нема да може да ги препознаат знаците, мислејќи дека тоа што им се случува е сосема нормално или пак симптомите ќе ги препишат на некоја друга здравствена состојба. Исто така, често луѓето се чувствуваат засрамени од својата депресија и погрешно веруваат дека треба да можат да ја надминат самите без да побараат помош. Но, депресијата ретко се подобрува без третман од стручно лице, доколку станува збор за некоја од потешките форми и со продлабочена симптоматологија
Соочувањето со депресија кај еден член во семејството ќе ги афектира сите останати членови. Можно е да се јават голем број на прашања и измешани чувства, како што се вина, лутина, страв, безволност, загриженост, паника и слично.
Навистина е измачувачки да гледате како некој ваш близок минува низ тешки моменти, но добро е да се знае дека вие како блиска и важна личност во нивниот живот, можете да им помогнете да направат позитивни промени кои ќе ја подобрат нивната состојба.
Што може да сторите?
  • Разговарајте со личноста за промените кои сте ги забележале и зошто сте загрижени. Објаснете дека депресијата е медицинска состојба, а не личен недостаток или слабост – и дека се подобрува и успешно третира со соодветен третман.
  • Предложете да побарате помош од професионалец за ментално здравје, како што е лиценциран психолог, психотерапевт или психијатар.
  • Изразете ја вашата подготвеност да помогнете со закажување на преглед или сесија, одење заедно со нив и присуство на сесиите доколку тоа и одговара на личноста.
  • Колку повеќе знаете за депресијата толку подобро ќе можете да помогнете, затоа би било од корист доколку се информирате од стручно лице во однос на дијагнозата, симптомите, третманот и прогнозата на вашиот близок.
  • Вие може да играте клучна улога во третманот и закрепнувањето на личноста, бидејќе ја познавате добро и може да ги препознаете симптомите и да видите дали лековите и третманот помагаат, а потоа да го известите стручното лице за сите промени кои ќе ги забележите.
  • Бидете подготвени да слушате. Покажете и на личноста дека сакате да ја разберете како се чувствува, ислушајте ја кога ќе сака да зборува, внимателно слушајте, но избегнувајте да давате совети, мислење и проценки доколку не ви се побарани и не сте сигурни во истите дека би помогнале. Само слушањето и разбирањето понекогаш можат да бидат моќна алатка за лекување.
  •  Дајте позитивна рефлексија. Луѓето со депресија имаат тенденција да се престроги кон себе и да најдат грешка во сè што прават. Потсетете ги за нивните позитивни квалитети и колку таа личност ви значи на вас и на другите.
  •  Понудете помош. Личноста која се соочува со депресија можеби нема да може добро да се грижи за одредени задачи. Дајте предлог да превземете дел од обврските.
  • Создавање редовна рутина може да помогне личноста да чувствува помал стрес и поголема контрола над својот живот. Понудете да направите распоред за оброци, лекови, физичка активност и спиење, и помогнете во организирање на домашните работи.
  • Направете заеднички планови. Иницирајте заедничка прошетка, гледање филм или некоја друга активност во која претходно личноста наоѓала задоволство. Но, не обидувајте се да ја присилите да прави нешто доколку не сака. Секое инсистирање може да доведе до зголемено чувство на вина и засилен отпор.
  •  Бидете трпеливи. Симптомите на депресија се подобруваат со третманот, но тоа може да потрае. За некои луѓе, симптомите брзо се подобруваат по започнувањето на третманот. За другите, тоа ќе трае подолго.
  •  Секогаш земете ги крајно сериозно изјавите поврзани со самоубиствени или самоповредувачки мисли и веднаш побарајте помош, дури и тоа да е спротивно со желбата на самата личност!
Запомнете, присуството на некој покрај вас додека страдате и се борите, дава чувство на безбедност кое е од исклучителна важност во целиот процес на третман и лекување.

* Објавените содржини се во психо-едукативни цели, а за професионална проценка и третман, остварете контакт со стручно лице од областа на менталното здравје.
Задолжително означување на авторот и изворот, при превземање и цитирање на објавените содржини.

Напишете коментар