следете нè

Физичко и емоционално насилство

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Невидливи рани кај жената – Како да ги препознаете и надминете последиците од емоционалната и физичка злоупотреба во врските?

Првата работа која е неопходна за да се справите, односно да си помогнете во ситуации каде постои физичко или емоционално насилство, е тоа да биде препознаено.

Што претставува физичко насилство?

Општата дефиниција би била употреба на физичка сила со намера да предизвика или предизвикува повреда. Многу често жртвите на физичко насилство чувствуваат константен страв од својот партнер, избегнуваат одредени теми за разговор или одредено однесување што потенцијално би го разлутило партнерот и имаат константна потреба да му удоволат на својот партнер како би се избегнал конфликт.

Како физичко насилство се смета:

  • гребење или гризење
  • туркање
  • шлаканица
  • клоцање
  • гушење или давење
  • фрлање предмети кон вас
  • користење оружје или предмети што може да повредат
  • физичко ограничување (како што е туркање на ѕид, под, кревет, итн.)
  • и други дејствија што повредуваат или го загрозуваат физичкиот интегритет.

Се смета дека физичкото насилство е полесно препознатливо за разлика од емоционалното, кое потешко се препознава, но предизвикува исто така голема траума кај жртвите.

Што е емоционално насилство?

Емоционалната злоупотреба вклучува обиди да се заплаши, контролира или изолира личноста. Овој тип на злоупотреба не вклучува физичко насилство, иако може да вклучува закани за насилство насочени кон жртвата или нејзините блиски. Односно, претставува обид да се контролира личноста преку поткопување на нејзината самодоверба и личното чувство за себе.

За да се разбере емоционално насилство е потребно разбирање на пошиток контекст, но генерално тоа може да содржи:

  • нереални или ирационални очекувања
  • понижување, негирање и критикување
  • нарекување со погрдни имиња
  • викање
  • навреди и исмевање за изгледот и карактерот
  • отфрлање на вашите потреби и интереси
  • упатување на закани
  • опсесивна контрола на тоа каде одите, што правите и со кого се дружите
  • носење на одлуки наместо вас
  • емоционални уцени и слично…

Размислувањето и прифаќањето на вашата мината траума од злоупотребата, како вистински настан може да биде многу тешко да се направи, но тоа е првиот чекор кон исцелување од вашите искуства. Тоа ќе ви овозможи да ја превземете контролата над вашиот живот во свои раце. Болните чувства кои е нормално да се појават додека се обработува траумата полека ќе го намалуваат својот интензитет со самото минување низ процесот.

Многу често жените кои минале низ физичка или емоционална злоупотреба развиваат негативна шема на размислување како што е себе-обвинувањето, генерализирањето, нереалните очекувања од себе, црно-белото размислување и слично. Добро е да разберете дека овие негативни шеми се поврзани со анксиозноста, депресивноста, срамот и вината кои се присутни. Обидете се овие себе-обвинувачки убедувања да ги замените со нов, негувачки говор кон себе.

Присетете се на вашите желби и работите во кои сте уживале во минатото па започнете да ги правите. За да започнете со процесот на заздравување од траумата, ќе треба повторно да откриете кои сте биле и кои сакате да станете. Дел од процесот на лекување од злоупотреба е грижата за себе.

Губењето на самодовербата е една од карактеристичните последици на жртвите, бидејќи тие се наведени да веруваат дека не се важни или дека не се вредни. Ние се грижиме за луѓето кои ни се важни. Кога ќе се грижите за вашите потреби, ќе почнете да развивате верување дека сте важни.

Жените кои поминале низ физичко или емоционално насиство често ја губат довербата во другите луѓе и тоа доведува до социјална изолација. Препознајте го ова и обидете се да ги обновите старите пријателства или да направите нови во кои ќе можете слободно и без срам да зборувате за тоа како се чувствувате.

Почнете да поставувате здрави граници со луѓето околу себе. Она што ги дефинира вашите граници и е под ваша контрола се вашите мисли, емоции, ставови, избори и однесувања. Здравите граници ви даваат контрола над овие области и ви дозволуваат да препознаете кога другите се обидуваат да ја преземат вашата контрола од вас.

Многу често жртвите на насилство ја бараат вината во себе. Често имаат оправдување за однесувањето на насилникот. Многу е важно да се знае дека одговорноста за насилството е секогаш кај оној кој го прави. Насилникот го прави изборот како ќе се однесува. А, ваша одговорност е да се грижите за себе и да го направите најдобриот избор за да се заштитите себеси.

Побарајте поддршка од најблискиот круг на луѓе од доверба, не молчете и споделете, и не се двоумете да користите психолошка стручна помош.

*Реализацијата на овој проект е овозможена од ДМ Маркт Македонија

* Објавените содржини се во психо-едукативни цели, а за професионална проценка и третман, остварете контакт со стручно лице од областа на менталното здравје.
Задолжително означување на авторот и изворот, при превземање и цитирање на објавените содржини.

Напишете коментар