Разводот создава емотивни предизвици и промени за целото семејство, но за децата, ситуацијата може да биде прилично застрашувачка, збунувачка и фрустрирачка. За некои деца, разделбата на родителите не е најтешкиот дел. Наместо тоа, придружните стресови и големи промени се оние што го прават разводот тежок. Промена на училиштата, преселување во нов дом и живеење со самохран родител кој се чувствува исцрпено, се само неколку од дополнителните стресни фактори кои го отежнуваат процесот. Финансиските тешкотии се исто така чести по разводот.
За малите деца ќе биде особено тешко да разберат зашто мама живее на едно место, а тато на друго. Кај нив е можно да се јави страв и загриженост, дека ако нивните родители можат да престанат да се сакаат еден со друг, тие би можеле да престанат да ги сакаат и нив.
Децата на школска возраст може да чувствуваат како разводот да е нивна вина.
Тие може да се плашат дека се однесувале лошо или направиле нешто погрешно што довело до тоа да нивните родители се разделат. Вината често го зголемува притисокот, и може да доведе до анксиозност, депресивност, стрес и други придружни здравствени потешкотии.
Адолесцентите може да станат и лути во врска со разводот и промените што следат. Тие можат да го обвинат едниот родител за раскинување на бракот или може да им замерат и на двајцата родители за конфликтите во семејството.
Во одредени околности, детето може да чувствува олеснување ако разводот значи помалку расправии и помалку стрес, или и физичко насилство во некои случаи.
Често се случува децата поради стресот кој го чувствуваат, да имаат намалена концентрација, а со тоа и намалување на училишниот успех. Може да се појави и чувство на загуба кај децата, конфузија па дури и лутина кои придонесуваат и емоционална хиперсензитивност кај децата. Кај децата кои ќе бидат преплавени од различните чувства, поради неможноста да ги препознаат и соодветно да ги искажат, можно е да се јави и раздразливост, опозиционалност, па дури и гнев кој може да биде насочен кон родителите, но и себеси, другарчињата и останатите најблиски.
Родителите играат голема улога во тоа како децата ќе се прилагодат на разводот.
За родителите е важно да изградат еден пријателски меѓусебен однос и да го изедначат својот воспитен стил, како не би праќале двојни пораки на своите деца. Воспоставувањето на правила соодветни на возраста до кои доследно ќе се држат двата родитела, им помага на децата да не се чувствуваат збунето и несигурно. Да се бара од децата да изберат кој родител им се допаѓа повеќе, или да им се праќаат негативни пораки за еден од родителите е крајно несоодветно и непрепорачливо. Децата кои ќе се најдат фатени во средина, имаат поголема веројатност да доживеат депресија, вознемиреност и други долготрајни промени во нивната личност. Важно е да се знае дека здравата врска родител-дете помага децата да развијат поголема самодоверба, затоа е важно тие да поминуваат доволно квалитетно време и со двата родитела.
Децата кои се сомневаат во нивната способност да се справат со промените, да се адаптираат и се чувствуваат како беспомошни жртви, имаат поголема веројатност да доживеат тешкотии во менталното здравје. Охрабрете ги вашите деца да кажат што мислат и што чувствуваат, уверете ги дека нивните чувства се важни, валидни и нормални и дека вие сте тука секогаш спремни за разговор. За време на овие разговори, избегнувајте да влијаете на промена на чувствата на детето, наместо тоа, фокусирајте се на слушање и заблагодарете им се за нивната искреност.
Научете го вашето дете како да управува со своите мисли, чувства и однесување на здрав начин. Можеби најдобро би било кога би почнале да зборувате за тоа дека и вие понекогаш чувствувате лутина, тага, страв. Кажете им конкретен пример како вие се справувате со одредена емоција. Исто толку е важно да ја кажете вистината. Ако, на пример, едниот сопружник се исели или го напушти семејството, опишете што се случило, на јазик разбирлив за нив, но не со премногу детали. Тајните можат да донесат големи повреди во иднина. Ако вашите деца ви поставуваат прашања, важно е да одговорите што е можно повеќе неутрално и вистинито. Стравот од напуштање и загриженоста за иднината може да предизвикаат голема вознемиреност, помогнете му на вашето дете да се чувствува сакано и безбедно.
Доколку се чувствувате прeплaвeно со негативни емоции, имате дилеми во однос на постапките во целиот процес, кој во суштина трае многу подолго од формално-правниот дел на разводот, не се двоумете да побарате психолошка поддршка.