follow us

ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА РИЗИК ФАКТОРИ И ЗНАЦИ КАЈ ЛИЦАТА КОИ РАЗМИСЛУВААТ ЗА САМОУБИСТВО

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Самоубиството претставува чин на одземање на сопствениот живот. Тоа е страшна трагедија како за поединците така и за нивните семејства. Луѓето без разлика на својот пол, етникум, возраст или социјален статус може да бидат подеднакво изложени на ризик. Самоубиствените мисли и однесување се сложени и не постои универзална и единствена причина за нивна појава. Постојат повеќе фактори кои може да го зголемат ризикот. Некои од нив се:
  • Депресија или други ментални нарушувања особено доколку не се третирани
  • Злоупотреба на алкохол или психоактивни супстанци
  • Предходни обиди за самоубиство
  • Семејна историја на ментални нарушувања, обиди за самоубиство или самоубиство
  • Изложеност на семејно насилство во моментот или во минатото
  • Сексуална злоупотреба во моментот или во детството
  • Сериозна хронична или неизлечива болест, или изложеност на долготрајна интензивна болка
  • Ненадејни стресни и трауматични ситуации како загуба на сакана личност
  • Стресни животни ситуации особено доколку се долготрајни.
Повеќето луѓе кои се изложени на овие ризик фактори нема никогаш да посегнат по сопствениот живот, но добро е да се знае и доколку се појават некој од предупредувачките знаци потребно е веднаш да се сфати крајно сериозно и да се интервенира.
Не постои типичен модел на однесување карактеристичен за некој кој размислува да си го одземе својот живот, но постојат вообичаени знаци на предупредување.
  • Разговори во кои се зборува за чувството на празнина, безнадежност и немање причина за живот
  • Често зборување или размислување за смрт како и изразување на желба за истото
  • Чувство на заробеност и неможност да се најде решение за ситуацијата
  • Чуство на неподнослива емоционална болка
  • Преголемо чувство на вина во секојдневни ситуации во кои не постои причина за истото како и чувство дека пречите или сте товар на другите
  • Социјална изолација
  • Разговори кои наликуваат на збогување
  • Ризично и неодговорно однесување кое е животно загрозувачко.
  • Други сериозни предупредувачки знаци дека некој може да биде изложен на зголемен ризик за да изврши самоубиство се:
  • Невообичаени промени во однесувањето кои можеби не изгледаат поврзани со чувство на безнадежност или депресивност. Можно е да се забележи дијаметрално различно однесување од вообичаеното за некоја личност, како на пример некој кој предходно бил љубезен и смирен да покажува лутина и агресивно однесување или пак некој кој бил тажен и депресивен одеднаш да стане смирен и навидум среќен. Може да се сретнат и други промени како што е зголемена злоупотреба на алкохол или психоактивни супстанци како и чести нагли промени во расположението.
  • Не е невообичаено да се сретнат промени во спиењето како прекумерно спиење и воопшто потешкотии во будењето од една страна или пак неможност да се заспие и да се влезе во длабок сон поради што личноста чувствува голем замор во текот на следниот ден.
  • Емоционално дистанцирање односно повлекување од контактите со другите луѓе, рамнодушни реакции дури и во емотивни ситуации како и губење на интерес за вообичаени активности како и активности во кои претходно се чувствувало задоволство.
  • Физичката болка исто така може да биде еден од симптомите на депресија. Често се сретнува  хронична болка во телото, главоболки или проблеми со дигестивниот систем без конкретна органска причина за истата.
Семејството и блиските пријатели се вообичаено првите кои можат да ги препознаат предупредувачките знаци кои се јавуваат и тие се оние кои ќе го направат и првиот чекор кон помагање на саканата личност да побара третман за своето ментално здравje.
Доколку се сомневате дека некој ваш близок размислува за самоубиство добро е да поразговарате отворено за вашата загриженост со таа личност. Разговорот може да го започнете поставувајќи прашања на неосудувачки, неконфронтирачки начин, без да се плашите и поставувајќи и директни прашања. Обидете се за време на разговорот да останете смирени со еден смирувачки тон и не се обидувајте да ги негирате или минимизирате нивните чувства. Понудете им поддршка и охрабрете ги да побараат помош. Ислушувањето и поддршката се и најдобриот начин за да помогнете.

* The published content is for psycho-educational purposes, and for a professional assessment and treatment, contact a professional in the field of mental health.
Mandatory marking of the author and the source, when downloading and quoting the published contents.