follow us

ШТО СЕ ДОБИВА ОД РАЗВОЈНАТА ПРОЦЕНКА?

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Развојната проценка, раната дијагностика и интервенција, индивидуално следење на растот и развојот на секое дете е доста значајна тема кога зборуваме за ран и предучилишен здрав раст и развој. Развојот на децата е најинтензивен во првите години од животот, но исто така е многу познато дека секое дете своите развојни задачи ги исполнува индивидуално само за себе, па има разлика во време, начин од едно до друго дете, преминувајќи од една во друга развојна фаза.  На пример, некои деца во првата година и пол  имаат побогат вокабулар, се случува да некое од децата започнува да оди на 10-11 месеци, a некои деца се сеуште во фазата на лазење. Она што е важно и значајно за секој родител, како и воспитувач во градинка, е веднаш штом се забележи некое отстапување и веќе подолг временски период има неисполнување на задачите од развојната мапа, да се алармира и да се процени секој сегмент од развојот на детето.

Што е индивидуална развојна мапа?

Индивидуалната развојна мапа е преглед на основните пресвртници во менталниот и физичкиот развој на детето од раѓање до седумгодишна возраст. Ги опишува карактеристичните промени и можните отстапувања на разбирлив и едноставен начин. Детектирањето на отстапувања го прават и педијатрите, воспитувачите во градинка, па потоа даваат насоки да се направи развојна проценка од страна на стручно лице.  Постојат мапи кои што се наменети и за родители со цел само-проценка и забележување на текот на развојот на своето дете, а секако тоа е основа за ориентација и следење на развојот на детето, како и организирање на неговите активности. Кога зборуваме за проценка и следење според развојна мапа, внимателно ги следиме следниве сегменти:

– Психо-моторен развој

– Социо-емоционален развој

– Когнитивен развој

– Развој на говор и комуникација

Она што секојдневната пракса го покажува во нашиот центар, и е значајно во правењето на развојната проценка, е првото интервју со родителите. На првото интервју со родителите секогаш се детектираат позначајни моменти како семејните обрасци на однесување, стилови на воспитување, колку средината во која што расте детето е стимулирачка, посетување на градинка, историја на пренатален, перинатален и постнатален период.

Кој е следниот чекор откако кај детето ќе се детектира неисполнување на развојните задачи?

Доколку за време на развојната проценка и опсервација кај детето се забележат отстапувања во развојот, пораки кои што несвесно се праќаат до детето и влијаат на неговото однесување, следниот чекор е поставување на целите и на тоа што конкретно ќе се работи,  со концизни и јасни насоки кон семејството, дополнителни задачи за работа дома, индивидуална поддршка на детето, но секако и поддршка на целиот семеен систем. 

Запомнете: Секое дете е своја едника вредна за почит, секое дете има право да биде разбрано и да го развива својот потенцијал на соодветен начин познавајќи ги неговите функционални можности. Секое дете има право да им верува на возрасните, и возрасните да веруваат во него. Секое дете има право на поддршка што ќе му овозможи да развие сопствени стратегии за размислување и превземање акција!

* The published content is for psycho-educational purposes, and for a professional assessment and treatment, contact a professional in the field of mental health.
Mandatory marking of the author and the source, when downloading and quoting the published contents.