follow us

ПАСИВНО-АГРЕСИВНО ОДНЕСУВАЊЕ

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Пасивно-агресивно однесување е она кое вклучува индиректно агресивно дејствување, наместо директно. Пасивно-агресивните луѓе  покажуваат отпор кон барањата на други лица, често со одложување, или тврдоглаво постапување.  Негативните чувства суптилно ги изразуваат преку своите постапки, наместо да се справуваат со нив на отворен и директен начин. Ова делува конфузно за останатите, бидејќи постои несовпаѓање помеѓу она што го вербализираат со она како постапуваат.
Тоа може да се манифестира на многу различни начини. Некој што е пасивно агресивен може да покаже отпор кога ќе биде замолен да стори нешто, најчесто преку одложување, несогласување или опозиционалност. Често се случува да одбијат да бидат емотивно отворени – дури и кога е очигледно дека се вознемирени,  ќе инсистираат на тоа да ве убедат дека се добро, завршувајќи го понатамошниот разговор. Често се случува да измислат најразлични изговори за да одбегнат средба со одредени луѓе. Интерсно е тоа дека тие ни самите не се свесни за своето однесување.
Пасивно-агресивното однесување се смета за доста деструктивна форма на однесување која може сериозно да ги наруши  односите меѓу луѓето во семејното функционирање, љубовните релации, па дури и на работното место.
Најчесто пасивно агресивните луѓе се сметаат за груби, тврдоглави, невнимателни, мрзеливи и манипулативни, но кога подобро би ги виделе можните причини за ваквото нивно однесување, можеби би имале и поголемо разбирање.
Постојат неколку фактори што може да придонесат за ваквото однесување.
Воспитувањето во средина  каде што директното изразување на емоциите било обесхрабрено или недозволено,  може да доведе до чувство на неможност или забрана за изразување на своите вистински чувства на поотворен и директивен начин, и тоа да доведе до изнаоѓање на алтернативи, пасивно да се експресираат лутината или фрустрацијата.
Во одредени ситуации кога прикажувањето на одредени чувства не е социјално прифатливо, како на пример во работна атмосфера, се зголемува можноста да се одговори на прикриен, односно пасивен начин.
Пасивното агресивно однесување обично се активира од желбата да им се допаднете на луѓето. Причините вклучуваат желба за зачувување на мирот, избегнување грешки, обид да се изгледа посамоуверено и поавторитативно, или пак поради присуството на стравот од одбивање или критика.
Често е полесно да се препознае однесувањето кај другите, отколку кај себе. Ова би биле некои од прашањата кои ќе помогнат да го препознаеме и освестиме сопственото однесување:
  • Дали честопати се наоѓате себеси како критикувате и озборувате кога сте незадоволни со некој?
  • Дали избегнувате луѓе од кои сте вознемирени?
  • Дали имате чувство дека не сте ценети доволно?
  • Дали некогаш престанувате да разговарате со луѓе кога сте лути на нив, без да им кажете што ве навредило?
  • Дали го одложувате извршувањето на задачите како начин да ги казнувате другите?
  • Дали понекогаш користите сарказам и критика за да избегнете вклучување во значајни разговори?
Доколку прпознавате дека имате тенденција да се однесувате пасивно агресивно, постојат чекори што можете да ги превземете за да го промените односот со другите. Еве неколку начини:
Подобрете ја вашата самосвесност. Препознајте и разберете зошто сте вознемирени или што е она што чувствувате. Започнете да обрнувате внимание на она што се случува внатре во вас додека реагирате на различни луѓе и ситуации.
Дајте си време да направите промени. Препознавањето на сопственото однесување е првиот чекор кон промена, но промената на вашите обрасци и реакции може да потрае некое време. Затоа бидете упорни и трпеливи.
Вежбајте како да се изразувате. Разбирањето на вашите емоции и учењето соодветно да ги искажувате своите чувства е важен чекор кон ставање крај на пасивно-агресивно однесување. Понекогаш конфликтот е неизбежен дел од животот, но доколку знаете на асертивен начин да ги кажете своите чувства и да ги поставите своите граници, тоа би можело да донесе подобри резултати во иднина.
Пасивно-агресивното однесување може да биде деструктивно, и голема е веројатноста на моменти секој од нас да препознае таков начин на однесување кај себе. Но, со подобро разбирање на нашите чувства и што е она што ги предизвикува, би можеле подобро да се справиме со нив и на тој начин да ги минимизираме потенцијалните штети врз нашите односи со другите.

* The published content is for psycho-educational purposes, and for a professional assessment and treatment, contact a professional in the field of mental health.
Mandatory marking of the author and the source, when downloading and quoting the published contents.