Развојната дисфазија е јазично нарушување на способноста за разбирање, изразување и формулирање на јазична мисла. Овие деца покажуваат значително јазично доцнење во однос на нивната календарска возраст и интелектуален капацитет. Степенот на сериозноста на тешкотијата може да биде различен и се движи од целосно отсуство на говор (алaлија) кај дете од две до три години до навидум нормален говор со потешкотии во читањето и пишувањето кај училишните деца. Кај некои деца, потешкотиите во говорот се поизразени, додека кај други се изразува недостатокот на разбирање за јазичните содржини.
Развојна дисфазија или аутизам?
Симптомите на овие две нарушувања често се преплетуваат, особено кога станува збор за развојна дисфазија од рецептивен тип. За двете состојби карактеристично е неразбирање, не одговара на сопственото име до две години, прекумерна активност и слабо внимание, недостаток на вербална комуникација, често повторување на јазичната содржина, нарушувања во однесувањето. Главната и најважната разлика е во тоа што развојната дисфазија е исклучиво јазично нарушување и има дефицит на вербална комуникација, додека невербалната комуникација и социјализацијата се релативно добри. Аутизмот е нарушување на вербалната и невербалната комуникација, како и нарушување на социјалниот реципроцитет.
Карактеристично за деца со развојна дисфазија:
-
Нормални социјални интеракции. Тие ги разбираат намерите и емоциите на другите. Ова се рефлектира во задоволството од создавање нови социјални контакти и со возрасни, и со деца. Прегратките и бакнежите им создаваат позитивни емоции. Тие реагираат нормално на насмевки. Тие покажуваат задоволство кога ќе добијат нова играчка. Тие имаат контакт со очите. Можеби нема да одговорат на повик по име.
-
Учествуваат во играта „кобајаги“. Нивната игра е функционална и креативна. Тие сакаат да играат со разни играчки и со други деца.
-
Нормална употреба на гестови или само мало отстапување во невербалната комуникација.
-
Нивните социјални контакти се адекватни, тие го компензираат отсуството на говор со гестови, и немаат стереотипни обрасци на однесување.
-
Нивните интереси се разновидни, немаат невообичаено однесување како „треперење“ на рацете, кршење прсти, одење по прсти и слично.
Карактеристично за децата со аутизам:
-
Оштетување во сегментот на социјалната интеракција. Тие не можат да донесат едноставни заклучоци за намерите на другите. Не можност за остварување на социјални контакти, изгледаат премногу мирни или дури пак „ладни“. Некои деца не реагираат на насмевки на другите и не обрнуваат внимание на гримасите на другото лице. Се случува да го фиксираат своето внимание на предмети околу нив. Децата со аутизам можат да бидат многу селективни при избор на блиски луѓе, избегнуваат контакт со своите врсници. Креативната имагинативна игра доцни или не постои. Децата со аутизам не се обидуваат да имитираат движења или звуци, не реагираат на сопственото име, карактеристичен е недостатокот на соодветен контакт со очи, имаат карактеристичен „стаклен поглед“.
-
Изостанување на невербалниот контакт, не го компензираат отсуството на говор со употреба на гестови.
-
Употребата на јазик е стереотипна и се повторува. Тие често прозборуваат доцна, откако ќе ги изговорат првите зборови, може да се појави фаза на долга тишина. Постои тенденција да се повторуваат зборови или фрази од филмови, реклами, туѓи говори.
-
Децата со аутизам имаат ограничени, повторливи и стереотипни обрасци на однесување, интереси и активности. Може да забележите повторувања на активности како што се вклучување и исклучување на светлата или отворање и затворање на славината и уредување на предметите по ред. Некои деца можат да одат на прсти, да скокаат, да мавтаат или да имаат повторувачки гримаси од возбуда.
-
Може да имаат прекумерна или намалена чувствителност на дразби од околината (бучава, непријатност при сечење коса, избегнување валкање, пребирливост при избор на храна, силна светлина може да им пречи).
-
Намален праг на болка.
Сепак, мора да имаме во предвид дека секое дете е сложена индивидуа сама по себе и дека не е можно да се дијагностицира нарушување засновано на неколку препознаени симптоми. Низа на симптоми може да се пројавуваат, но не мора да значат дека детето има нарушување. Исто така, некои симптоми се појавуваат пред, а некои подоцна.
Објавените содржини се во психо-едукативни цели, а за професионална проценка и третман, остварете контакт со стручно лице од областа на менталното здравје.
Задолжително означување на авторот и изворот, при превземање и цитирање на објавените содржини.