follow us

СЕКСУАЛНО НАСИЛСТВО-ЗОШТО ЖРТВИТЕ МОЛЧАТ?

Стравовите се многу, но не смее да се повеќе и посилни од храброста, борбата и грижата за себе!
Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Сексуалното насилство и злоставување се едно од најболните искуства кои една личност, а особено дете или адолесцент може да ги доживее.  Таквите акти врз личноста може да предизвикаат комплексна траума која за жал во голем процент останува непријавена, воопшто неискажана или после долго време откриена и споделена. Мора да се знае дека ова е злоставување на многу нивоа, кое не е само сексуално, туку психолошко, емоционално, физичко, секакво. И, големината на болката при овој тип на повреда може да остави трајни траги на душата.
Причините кои овие жртви ги наведуваат како повод за молк, се многу.
Жртвите молчат поради срам, страв од осуда и неразбирање, како и стигматизација.
Жртвите бираат да молчат и поради неоснованото чувство и вртење на вината кон себе и гадењето кое се појавува како резултат на грозоморниот  трауматски чин, кој некогаш е еднократен, а некогаш е повеќе кратен и трае премногу долго. Комплексот од стрес и негативни емоции, често водат до конфузност и потешкотии и во расудувањето во тие крајно болни мигови и периоди.
Често молчат и од страв од заканите и уцените од насилникот, бидејќи неретки се и случаите каде жртвата е вешто манипулирана, подвргната на терор и континуирано испраќани забрани кои создаваат преголем страв и несигурност. Тие длабоко ја разнишуваат сликата за себе. Некогаш молчат поради заканите дека нема никој да им верува, и се плашат од наметнување на одговорноста за делото, за кое единствено е виновен сексуалниот злоставувач.
Некои од нив молчат и поради шокот и неверувањето за тоа што се случило, како една од првите моќни психолошки реакции на таквиот напад, при кој сопственото тело станува место на злостор, и е извршен атак на секој можен интегритет и его граница кај една личност. Сексуалното насилство може да предизвика чувство на крајно одземање на моќта, контролата и достоинството. Молчат поради тоа што мислат дека ако се обидат да зборат, тоа ќе биде силен крик кој се плашат дека прегласно ќе одекне и тогаш болката ќе стане вистина.
Молчат поради чувството на осаменост која лебди при таквите настани, поради стравот од реакциите на сите околу, поради стравот од обвинување, казнување и преиспитување за жал некогаш и од страна на најблиските, но и од општеството. Некои молчат бидејќи се се уште деца, кои сеуште ја немаат зрелоста и механизмите за справување со ваквите чинови, па дури и способноста за разбирање на тие настани до одредена возраст. Некогаш молчат со идеја да ги заштитат своите најблиски, некогаш со идеја и да се заштитат себе, додека молчејќи уште повеќе се повредуваат.
Дел молчат зашто сите други досега молчеле.
Дел молчат и од неверба во системот дека може да ги заштити.
Дел молчат бидејќи станува збор за член од семејството или близок човек на истото.
Жртвата се плаши од отфрлање, од семејството, од соседите, од општеството, се плаши од дистанцирање на своите пријатели,  се плаши да не не може да најде партнер кој сето ова би го разбрал и прифатил.
Последиците со молкот се многу потешки, и на долг рок ваквите емоционални трауматични повреди сериозно може да го засегнат менталното здравје на личноста.
Стравовите се многу, но не смее да се повеќе и посилни од храброста, борбата и грижата за себе!
Иако, ваквата болка е товар кој не е за секого лесно да го изусти, тоа е многу потребно! Тишината мора да се скрши, треба гласно да се говори и да се бара помош и заштита.
Жртвите треба да ја бараат поддршката која ја заслужуваат, во секоја форма, семејна, психолошка, правна…  Како за сексуалните злоставувања случени во живо, така и за сексуалното и родово вознемирување и насилство извршено преку социјалните мрежи-on line, за кое и бевме сведоци деновиве.
Ние сме тука за вас, не сте сами.

* The published content is for psycho-educational purposes, and for a professional assessment and treatment, contact a professional in the field of mental health.
Mandatory marking of the author and the source, when downloading and quoting the published contents.