follow us

НАМЕТЛИВИ И ОПСЕСИВНИ МИСЛИ

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Постојаните, наметливи и негативни мисли се едни од најчестите знаци и придружни појави на анксиозноста.
Анксиозноста некогаш прави скоро да е невозможно да престанете да се фокусирате на работи, за кои не сакате да размислувате. Овие мисли ретко се позитивни, а често се поврзани со вашите стравови и вознемирувачки емоции. Во многу случаи, постоењето на мислата предизвикува зголемена вознемиреност. Може да имаат насилна и вознемирувачка содржина, да бидат од сексуална природа, или пак да се однесуваат на постапки кои се неприфатливи за личноста која ги доживува.
Не треба да се заборави дека, ова сепак, се само мисли! Тие навидум се појавуваат од никаде и предизвикуваат вознемиреност, но немаат никакво значење во секојдневниот живот на личноста. Она што им дава моќ е всушност загриженоста на оној кој ги доживува, срамот кој го чувствува личноста, како и потребата да се сокрие ова доживување од другите луѓе. Сè додека личноста препознава дека се тоа само мисли и нема потреба да постапува според нив, тие не можат да и наштетат.
Нивната содржина може да биде најразлична, но нешто што им е заедничко е тоа дека нивното присуство ја зголемува вознемиреноста кај личноста, и кај некои луѓе се јавува и потреба да превземат одредени дејствија како би се намалила анксиозноста. Овие дејствија се наречени компулсии. Тоа би можеле да бидат повторувачки ритуали или одбегнување на одредени ситуации.
Бројни научни студии покажуваат дека кога премногу напорно се трудите да не  размислувате за нешто, всушност тоа доведува до тоа се повеќе да размислувате на истото. Тоа е затоа што кога ќе се фокусирате на избегнување мисла, го потсетувате вашиот мозок дека мислата воопшто постои, наместо едноставно да заборавите на неа и да продолжите понатаму. Исто така, многу често се случува да штом успеете да отргнете една мисла, на нејзино место веднаш да дојде друга со слична вознемирувачка содржина.
Како би можеле да си помогнете:
  • Прво и најважно, треба да научите да ги прифатите вашите мисли и на нив да гледате како на симптом на вашата вознемиреност. Треба да престанете да се борите и да се обидувате да ги оттурнете. Прифаќањето е клучно. Ова е најчесто најтешкиот дел и понекогаш на личноста ќе и треба дополнителна помош од стручно лице.
  • Обидете се да ги напишете вознемирувачките мисли во дневник. Вашиот ум може да се фокусира помалку на овие вознемирувачки мисли кога имате можност да ги обработите поинаку со тоа што ќе ги напишете.
  • Компулсиите може да обезбедат навидум брзо решение за опсесиите, предизвикувајќи да ја избегнете анксиозноста. Од друга страна пак тие ја зајакнуваат опсесивната вознемиреност, затоа што не си дозволувате да ја преживеете анксиозноста и да си докажете себе си дека тоа е можно. Но, ако се спротивставите на компулсивното дејствие и си дозволите да бидете вознемирени некое време, честопати ќе откриете дека опсесиите ќе го намалат својот интензитет, предизвикувајќи малку помалку страв, бидејќи веќе знаете дека ништо нема да доведе до нивно исполнување.
  • Друго нешто што можете да го испробате, со одобрение и поддршка од вашиот терапевт, е сами да ја предизвикате вознемиреноста, со други зборови, намерно да размислувате за она што ви предизвикува вознемиреност. На тој начин правите изложување чија крајна цел е десензитизација, односно намалување на силината на реакцијата која таа мисла ја предизвикува кај вас.
  • Ако престанете да се борите со мислата и започнете да ја доживувате што почесто намерно, мислата на крајот ќе стане помалку стресна, можеби дури и досадна.
  •  Ако тоа е нешто што можете да го направите, како на пример, да ги извалкате рацете, да оставите светло, намерно да го оставите вашиот дом во неред и слично, тогаш направете го тоа за да се навикнете на чувството на вознемиреност и да научите да не се плашите од анксиозноста.
  •  Секако дека доколку перзистираат подолг период и го нарушуваат значајно вашето функционирање, од помош ќе е проценка и третман со соодветно стручно лице.
Луѓето кои се соочуваат со опсесивни мисли може да почувствуваат огромна количина на страв, вина, длабок срам, себе-обвинување па дури и само-омраза.
Обидете се да бидете љубезни и трпеливи кон себе. Запомнете дека секој доживува несакани мисли на моменти, и тие не се нешто за што се очекува да имате секогаш контрола. Би било од корист да ја препознаете наметливата мисла или чувство што го имате, но тоа не значи дека треба да се идентификувате со тоа. Откако ќе прифатите дека не можете целосно да ги контролирате мислите, можете да го освестите нивното присуство без да им дозволите да ја преземат контролата над вас.

Објавените содржини се во психо-едукативни цели, а за професионална проценка и третман, остварете контакт со стручно лице од областа на менталното здравје.
Задолжително означување на авторот и изворот, при превземање и цитирање на објавените содржини.

* The published content is for psycho-educational purposes, and for a professional assessment and treatment, contact a professional in the field of mental health.
Mandatory marking of the author and the source, when downloading and quoting the published contents.