Графомоториката е способност за држење на молив и пишување. За да може детето успешно да ја совлада вештината на пишување, тоа прво мора да помине низ целосен моторен развој кој започнува најпрво со развој на груби моторни вештини: седење, ползење, одење, качување, трчање, игри со топка. Потоа овој процес продолжува со развој на фини моторни вештини на дланките и прстите. За да имаме комплетен развој на моториката потребно е детето да е опкружено со разни форми и конструкции, стимулативни предмети и материјали.
Секојдневните активности за кои можеби не сме ни свесни дека се поврзани со пишувањето имаат круцијална важност во развојот на графомоторните вештини. Aктивности како што се облекување, откопчување и закопчување копчиња, врзување чевли, прелистување книга, вклучување во кујна и подготовка на храна, се од непроценливо значење, посебно кога му е дозволено на детето да стори сé што може и сака САМО, а возрасните помагаат кога детето навистина не може да го направи тоа без нивна помош.
Со графомоторните вежби детето развива внимание и концентрација, ориентација, говор, спознавање. Претходно усвоените движења се користат во нови ситуации и размислувања.
Ако забележите дека вашето дете нема интерес за држење на молив, цртање и пишување по сопствена иницијатива, можете да му понудите разни активности како што се:
-
Цртање на вертикални големи површини, не бел обичен лист (табла или хартија во боја залепена на ѕид, прозорец).
-
Цртеж со показалецот на песок или брашно.
-
Нижење перли.
-
Сликање со различни материјали (пастели, фломастери, акварели и четки, темпера и сунѓери, креда, прсти, стаклени бои) и на различни подлоги (картонски кутии, стакло, бетон, парчиња дрво, топчиња од стиропор).
-
Редење на сложувалка.
-
Обликување на разни форми од пластелин.
-
Сензорна кутија исполнета со зрнести материјали (да пронајде одреден предмет во неа).
-
Вметнување сламки или стапчиња во мал отвор или глина.
-
Со помош на пипета, детето префрла капка по капка вода од една чаша во друга. Со ова се развива сила на прстите и координација на движење.