follow us

Соопштување на деца за болест и смрт на близок член од семејството

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Дали е правилно да ги премолчуваме  непријатните ситуации, болести и проблеми пред децата? Криењето на одредена болест во тајност само го отежнува соочувањето на детето со истата. Мора да се знае дека е невозможно и не е препорачливо да се задржи тајна за постоење и лекување, или пак можен фатален исход, дури и пред децата. Треба да се соопшти вистината, секако со ублажено и пристапно објаснување соодветно на возраста. Исклучително е важно родителот да ја сподели информацијата со своето дете, но секако на начин на кој тоа ќе може полесно да го разбере, за да не се чувствува отфрлено и исклучено. Доколку не се разговара  со децата, не им се даваат одговори, тие ќе креираат фантазматски сценарија во својата глава кои некогаш се далеку пострашни од реалноста или пак вистината, а  нивото на стрес и анксиозност ќе им се зголемува. Децата секогаш знаат и чувствуваат повеќе од колку што мислат возрасните.
Траумите секако имаат влијание врз развојот, но какво влијание имаат премолчените работи кои порано или подоцна ќе излезат на виделина? Децата на кои родителите им ја премолчеле својата борба, и го завршиле својот живот оставаат вечно неодговорени прашања, чувство на казнување, чувство на вина и отфрленост, но и интензивна лутина и мисла дека се немало шанса да се направи доволно за нив.
Дали може да се измери силината на траумата, кој повеќе страда и кој полесно преболува, оној што знаел за болеста на родителот или оној што се соочува со вистината на анеговата смрттна постела? Полесно преболува тој кој со време знаел за болеста на родителот и има повеќе одговори, нема момент на изненадување и има шанса за повеќе контакт и збогување со него.
Дали секогаш треба да се оди на опција чиста вистина, во смисла брутално да му се прикаже сликата на детето дека неговиот родител најверојатно ќе умре за некој месец, или подобро е да се маскираат нештата, со доза лажна надеж постепено да се дојде до фаталната вистина? Лажна надеж не препорачувам во никој случај, само реална слика во која би се објаснило најдобриот и најлошиот можен тек на болеста со последиците. Децата немаат когнитивни способности како возрасните и мора да им се помогне во процесот на разбирање на ситуацијата, а треба да се одвива во сетинг со заштитеност и сигурност. Јасни објаснувања без апстрактни поии,  да нема можност да се фантазира доколку недостасуваат информации.
Кој е можеби најсоодветен начин за детето да се подготви за фактот дека некому е загрозен животот?
Тешки болест со ризик за најнепосакуваниот исход со завршување на човечки живот никогаш не треба да се премолчуваат. Огромен процент од родителите кои премолчувале за започнувањето на болеста, во подоцните периоди, кога аспектите на болеста кај родителот ќе станат поинтензивно видливи, жалат за затвореноста и исклучувањето на своето дете. Како што постојат фази во оджалувањето на настанување на смрт кај ближен, така има и фази на прифаќање на одредено тешко заболување или состојба. Како кај возрасните, така и кај децата. Зборување за истото го спречува изненадниот шок во некои ситуации, му дава на детето можност за делумна припрема на следствените непријатни и болни настани. Мора да се напомене дека соопштување на болни информации на детето и негово прифаќање на истите, многу зависи од пристапот на возрасниот/родителот. По искажување на информацијата со зборови кои треба да се одберат согласно возраста на детето, треба да му се даде простор и поттик да ги искаже своите емоции и да ги постави сите прашања на кои сака да има одговор. Истовремено треба да постои систем на поддршка на детето и да се чувствува дека има кој да го заштитува и да се грижи за него. Информациите секогаш треба да се едноставни, вистинити, јасни и кратки.
Што треба да ни влијае при пристапот како и дали ќе ја соопштиме вистината за болеста? Дали возраста прави разлика?
Секако дека возраста е значаен фактор. На мали деца од 2-8 години не им требаат многу детални податоци, но деца над 9 год и тинејџери треба да знаат повеќе за било која непријатна ситуација, настан или болест. Што и да се случува во семејството, детето треба да знае за промената на организацијата и динамиката во домот.
Доколку станува збор за хоспитално лекување на родителот, кај детето може да се очекува да се развие сепарациона анксиозност. Малите деца тешко ја поднесуваат сепрацијата од родителот и во нормални околности, а уште потешко пак кога родителот заминува во болница.Мора да му се објасни кој ќе се грижи за него во тој период, тоа да биде блиска личност во која детето има доверба, и колку што може повеќе да му се покажува грижа, внимание и достапност за разговор во процесот на адаптација при сепрацијата со родителот. Ако постои можност за посети и телефонски разговори, секако да се прават. Ако родителот кој е болен и се чувствува емотивно преплавено од помислата за соопштување на таква информација на своето дете, подобро е тоа да го направи друг член од семејството. Тоа не значи дека родителот е лош, туку дека одбрал помалку стресен начин за своето дете и за него во тешките моменти.
Децата реагираат различно на болести и смрт, но секако треба да се очекува  интензивна тага, збунетост и страв. Важно е да се знае дека на детето му е потребен период на адаптација и дека за процесот е потребно време. Односно, ќе бидат потребни повеќе од еден разговор со него. Никогаш не треба да се го игнорира слонот во собата.  Ако детето не зборува на глас, не значи дека не е преплавено од тага. Во ред е да се плаче пред него, и да се покажуваат и изразуваат емоциите,така му се покажува дека не е само во својата тага. Тоа овозможува заедничко тагување, и за тешка болест или несреќа  во семејството, а особено за смрт на близок. Кај децата и тинејџерите во вакви периоди може да се очекуваат и забележат отстапки во однесувањето на училиште, затвореност во комуникацијата, попуштање со оценките, конфликти и агресивно однесување и слично. Тие често и помислуваат дека имаат накаква вина или удел во разболувањето или смртта на родителот, и таа мисла мора да се разбие. Доколку другите членови од семејството не успеат, веднаш да се побара помош од психолог/психотерапевт.
Дали погребите треба да бидат строго забранети за децата? Дали како родители треба да се трудиме да ги држиме што подалеку од такви непријатни ситуации поведени од тоа дека не може да ги повреди она што не го знаат и не го виделе?
Нема научни показатели дека деца од школска доба не треба да присуствуваат на погреб на својот родител. Меѓутоа детето треба да се подготви за погребот. Мора да му се објасни што таму ќе се случува, кој се ќе биде и да се праша дали сака да оди и до кого сака да биде. Ако одбива да оди, секако дека тоа се прифаќа. Во тој случај се прашува со кого сака да остане дома. Но, тоа кое ќе остане дома, убаво е да му се даде можноста да направи некој ритуал за збогување со личноста која ја губи, да напише писмо или цртеж, а да се посети гробот во некој подоцнежен период во присуство на најблиските. Сепак возраста, зрелоста и индивидуалните карактеристики на детето се фактор на одлучување, покрај неговиот личен избор. Најважни аспекти се збогувањето со родителот/блискиот, но и тоа да му се помогне на детето да ја сфати физичката реалност и дефинитивност  на смртта, а ритуалите и погребот се некогаш тие кои му помагаат тој процес да се случи.
При смрт на родител, информацијата треба да ја соопшти личност  која најмногу  ја сака и му е драга.
Загубата на родител или близок децата ја доживуваат на различен начин од возрасните, и е секогаш поврзан со интензивни емоции на несигурност и беспомошност. Потребно им е време за преболување. Реакции кои се заеднички и за децата и за возрасните, а се јавуваат при смрт на близок  се делат на емоционални, мисловни, телесни и бихејвиорални.
Како да му кажете на дететo тажна вест за смрт на близок:
-Морам да ти кажам нешто навистина тажно. Вчера се случи несреќа и ….почина.
-Знаеш дека …беше многу болна од…. Долго се лечеше и не и помогнаа лековите. Многу ми е жал што морам да ти кажам нешто многу болно, …. денеска почина.
Никако да не се вели:
-Дедо засекогаш заспа. (Детето потоа може да се плаши да заспие.)
-Баба се разболе и умре. (Многу деца се често болни, секогаш кога ќе се разболе ќе има страв да не умре)
– Мама отиде во болница и умре.(Болница ќе стане асоцијација само на смрт)
-Тато отиде на долго патување.(Ќе го чека да се врати)
Што да се рече на дете кое е многу тажно:
Знам колку ти е тешко и во ред е да плачеш и да си тажен. И јас сум тажна, дозволи ми да те гушнам.
Знам дека ти е многу тешко и тажно како и на сите нас. Со тебе сум!
Што да се рече на дете што чувствува вина:
-Знам што си мислиш и дека се прашуваш дали си крив. Многу луѓе се чувствуваат така кога некој ќе умре, не само ти. Особено вие децата. Но, никогаш кога некој ќе умре не е вина на детето. Зошто чувствуваш вина?
-Ако ти е за нешто многу тешко, напиши писмо прочитај го на глас. Кога она би го слушнала сигурна суm дека би се насмеала, би те разбрала и гушнала бидејки те сакаше неизмерно.
 
Авторски текст објавен во Unique магазин
 
Објавените содржини се во психо-едукативни цели, а за професионална проценка и третман, остварете контакт со стручно лице од областа на менталното здравје.  Задолжително означување на авторот и изворот, при превземање и цитирање на објавените содржини.

* The published content is for psycho-educational purposes, and for a professional assessment and treatment, contact a professional in the field of mental health.
Mandatory marking of the author and the source, when downloading and quoting the published contents.