follow us

РАЗВОД-ФАЗИ И ПРЕДИЗВИЦИ!

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Одлуката за прекинување на бракот може да биде трауматична, хаотична и исполнета со контрадикторни емоции.  Не е невообичаено оној кој е иницијатор да се заврши бракот, да доживее страв, олеснување,  нетрпеливост, незадоволство, сомнеж и вина. Од друга страна пак оној кој е условно кажано оставен, често може да се соочи со шок, чуство на предавство, губење контрола, намалена самодоверба, несигурност, гнев, желба  за одмазда.
Би било корисно да се знае дека браковите не се распаѓаат преку ноќ, разводот не е резултат на еден инцидент, напротив на тоа претходи емоционален процес и разни дисфункции кој траат извесен период.
Вообичаено се среќаваат неколку фази во разводот.
Прва фаза или појава на изразени фрустрации, конфликти, нарушена доверба. Проблемите реално егзистираат, но партнерите не ги признаваат односно ги негираат. Може да се појави чуство на страв, вознемиреност, лутина и тага.
Во втората фаза се забележува изразено незадоволство, или пак амбивалентност кон партнерот. Можно е партнерите да побараат брачно советување или пак да се обидат самостојно да ги поправат меѓусебните односи, најчесто иницирајќи втор меден месец како последен обид. Од чуствата кои доминираат се забележува олеснување или пак напнатост, сомнеж, па дури и вина. Доколку во оваа фаза нештата не се поправат следи следната фаза.
Третата фаза во која се создава еден емоционално дистанциран однос, па дури и меѓусебно омаловажување, до крајна нетрпеливост. Често се случува двајцата партнери да се најдат во улога на жртви, со измешани чуства на незадоволство, тага, гнев, вина. Во оваа фаза не се исклучува и можноста за вонбрачна врска, поради прекинатиот контакт и нарушената интимност подолг период.
Во следната четврта фаза, се случува сепарацијата, односно отселување на еден од партнерите од заедничкиот дом. Тогаш започнува редефинирање на партнерскиот однос, се известуваат семејствата и пријателите за донесената одлука. Многу често се случува да се појави избор на страни и поделба на лојалност доколку постојат заеднички пријатели. Доколку станува збор за брак во кој има заеднички деца, не се исклучува можноста децата да се чувствуваат одговорни и да се однесуваат на начин да ги натераат родителите на повторна комуникација и зближување. Оваа фаза е доста трауматична за секој од семејството, проследена со страв и паника, вина па дури и чуство на срам.
Како последна фаза следи прифаќањето, односно прилагодување на новата реалност. Прифаќање дека во бракот партнерите не биле доволно среќни и исполнети, враќање на чуство за моќ и контрола над сопствениот живот, креирање на план за иднината и откривање на нови ресурси. Во оваа фаза е многу значајно да се надминат вината и гневот, да се прости, да се прифатат новите улоги и да се изгради нов однос на почитување и договор помеѓу партнерите.
Оние кои поминуваат низ процесот на развод честопати се чувствуваат емоционално повредено и исцрпено, па затоа е значајно да имаат големо разбирање, трпение и нежност кон себе.
Разводот од една страна се доживува како загуба и крај на една семејна динамика и еден период, но од друга страна пак нов почеток и можност за истражување и пронаоѓање на нови интереси.
Новите интереси го привлекуваат вниманието и помагаат да се биде во сегашноста, далеку од фокусот на минатото. Притоа, тие им помагаат на луѓето да започнат да мислат на себеси како истражувачи и донесувачи на одлуки, а не едноставно како жртви на околности кои се надвор од нивна контрола. Истражувањето на интересите придонесува за зголемување на чуството на среќа и исто така овозможуваат стекнување нови искуства и пријателства.

* The published content is for psycho-educational purposes, and for a professional assessment and treatment, contact a professional in the field of mental health.
Mandatory marking of the author and the source, when downloading and quoting the published contents.